Регистрирани се вкупно 537 923 непополнети работни места, а најмногу проблеми со вработувањето стручен труд во изминатите 12 месеци имало во секторот социјална работа
Германскиот пазар на труд, кој се соочува со голем недостиг на квалификувана работна сила во сите економски сектори, има потреба од над половина милион луѓе, а здруженијата на работодавачи бараат зголемена имиграција на работници, објави Институтот за германска економија (IW) од Келн.
Во Германија од јули минатата година до јули годинава на пазарот на трудот недостигале повеќе од половина милион квалификувани работници, покажува студијата на Институтот, пренесува Дојче веле.
Регистрирани се вкупно 537 923 непополнети работни места, а најмногу проблеми со вработувањето стручен труд во изминатите 12 месеци имало во секторот социјална работа.
Во областа на социјалната работа не се пополнети 20 578 работни места – што е нов рекорд, според IW.
„Станува збор за професионална работна сила која недостасува во социјална работа во училиштата, работа со млади, деца и во домови за стари лица или во советување зависници – со други зборови, во сите оние области каде што е потребна човечка поддршка за решавање на социјалните проблеми“,
велат авторите на студијата Хелен Хикман и Филик Конеберг.
Приближен недостиг на квалификувани работници е забележан и во секторот образование, каде што се непополнети 20 500 работни места.
„Во овој сектор тоа е рекордна вредност. Во домовите за стари лица недостигаат 8.279 негувателки, потребни се 16 974 електротехничари, а во здравствениот сектор, односно грижата за пациентите, потребни се уште 16 839 работници“,
се наведува во студијата.
Сè потешко е да најдат квалификувана работна сила и компаниите кои се занимаваат со системи за греење или одржување на климатизацијата, немаат 14 013 работници. Германски компании бараат и 13 638 информатичари, 12 060 физиотерапевти, 11 771 техничар за одржување моторни возила, како и 10 562 професионални возачи.
Институтот од Келн предвидува дополнително влошување на состојбата со недостиг од возачи на пазарот на трудот имајќи предвид дека возачите се натпросечно стари и имајќи предвид дека недостигаат помлади луѓе.
Претседателот на здружението на работодавачи од металопреработувачката индустрија Штефан Волф се залага за донесување нов закон за имиграција поради недостигот на квалификувана работна сила.
„Потребен ни е закон за имиграција каков што има Канада. На имигрантите мора да им се обезбеди долгорочно право да престојуваат во Германија“,
заклучи Волф.