Предвидено е тој да учествува и на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати за вештачка интелигенција и новите патишта за економски раст во Европа
Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација денеска пристигна во Давос, Швајцарија, каде ќе учествува на Светскиот економски форум.

Во видео-обраќање на социјалната мреежа Фејсбук, Мицкоски најави дека следните денови македонската делегација ќе има бројни состаноци што се очекува значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број инвестиции.
„Учесник ќе бидам на три панели на кои ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, а истовремено ќе оствариме и бројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“,
кажа премиерот.
Овогодинешниот форум во Давос се одржува под мотото „Во духот на дијалогот“. На него ќе присуствуваат над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Според најавите од владиниот кабинет, премиерот ќе оствари и серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, пред кои ќе ги презентира поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
Предвидено е тој да учествува и на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати за вештачка интелигенција и новите патишта за економски раст во Европа.
