Во вчерашното отворено писмо, Дијана Имери-Илкоска, која работела на позицијата нототекар во Филхармонија, рече дека поднела писмено барање до институцијата за промена на работниот однос од определено на неопределено време, но не добила одговор, по што процесот го продолжила по судски пат. Филхармонија, како што рече, од ресорното министерство не побарала промена, туку повторно продолжување на договорот на определено време, а истовремено не го предвидела нејзиното работно место во планот за вработувања за 2025 година
Во ниту еден момент на диригентката Дијана Имери-Илкоска не ѝ било ветено дека работниот однос ќе ѝ биде трансформиран од определено на неопределено време, велат денеска од Македонската филхармонија во реакцијата на вчерашното отворено писмо на Имери-Илкоска – една од групата незадоволни вработени во Филхармонија на која не ѝ беше продолжен договорот за работа на почетокот на годинава.
Во вчерашното отворено писмо, Дијана Имери-Илкоска, која работела на позицијата нототекар во Филхармонија, рече дека поднела писмено барање до институцијата за промена на работниот однос од определено на неопределено време, но не добила одговор, по што процесот го продолжила по судски пат. Филхармонија, како што рече, од ресорното министерство не побарала промена, туку повторно продолжување на договорот на определено време, а истовремено не го предвидела нејзиното работно место во планот за вработувања.
„Со ова сакаме да потенцираме дека авторката на текстот знаела или требала да знае дека договорот за вработување на определено време, може да престане да важи со изминување на временскиот рок за кој истиот е склучен и притоа установата нема законска обврска да понуди нов договор, односно договор за продолжување на работниот однос. Во насока на ова, согласно член 77-в од Законот за културата (текст на законот кој бил во важност во 2022 година) работното место нототекар, како и останатите 3 места од делот на продукција и помошно техничкиот персонал предвидено е да се засноваат на неопределено време“,
велат од Филхармонија.
Во оваа смисла, од институцијата за спорно го сметаат тоа што поранешната директорка на Филхармонија се согласила да ги спроведе огласите на определено за овие позиции и покрај тоа што правната служба на установата ѝ укажала оти тоа е противзаконски. Целиот проблем, како што велат, произлегува од овој момент во минатото.
„Во времето кога Имери-Илкоска била ангажирана на оваа работна позиција, од 01.07.2022 година до 31.12.2024 година бројката се искачила на три извршители на оваа позиција, а притоа и немало реална потреба за тоа бидејќи немало значително зголемување на бројот на концерти во текот на сезоната. Во делот од текстот кој се однесува на трансформација на нејзиниот работен однос од определено во неопределено време врз основа на одредбата од членот 46 став 3 од ЗРО, од авторката на текстот поднесена е тужба и сметаме дека во моментов судот е тој кој треба да утврди дали наведените услови во споменатиот член се исполнети или не“,
велат од установата.
Посочуваат дека причината поради која позицијата нототекар не е предвидена во годинашниот план за вработувања е утврдена во Законот за вработени во јавниот сектор и методологијата за начинот на пополнување на плановите за вработување, каде што е наведено дека работните места кои се пополнети со договори за вработување на определено време не треба да се впишуваат во годишните планови за вработување.
„Дополнително, тоа е план за вработувања кои треба да се реализираат во следната година и не е логично да се впишуваат работни места кои веќе се пополнети. Неточни и неосновани се наводите дека тоа е причината поради која барањата за продолжување на согласностите се отфрлени од страна на надлежните институции поради тоа што работното место не било впишано во годишниот план за вработување за 2025 година. До денес во установата не е пристигнат ниту еден допис или било какво писмено известување во кое истото е наведено. Впрочем, не ни е познато врз основа на кои докази или информации, авторката на текстот истото го тврди“,
додаваат од Филхармонија.
Оттаму оценија дека изнесените ставови во отвореното писмо на Имери-Илкоска се обид за повреда на интегритетот на Македонската филхармонија и лицата што работат во институцијата.