Меѓу осомничените на кои им е одредена мерка притвор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, потврди неговиот адвокат Еленко Миланов за „360 степени“
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утрово информираа дека деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување ќе бидат соопштени на прес-конференција пред зградата на ОЈО Кочани денеска во 12 часот
Доцна синоќа Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани доставил наредба за спроведување на истражна постапка против 19 лица опфатени во постапката за трагедијата во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени, потврдија за „360 степени“ од кочанскиот суд.

Ова значи дека постапката сега е во повисока фаза на истрага и во рамките на неа е побаран и одреден притвор за дел од осомничените.
Според информациите од Основниот суд Кочани, за 13 од сега веќе осомничените е прифатен предлогот на Обвинителството и ним им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
„Против 13 лица беше донесено решение и е определена мерка притвор од 30 дена“,
велат од Судот во Кочани.
За другите шестмина од осомничените, во однос на побараната мерка притвор, како што додаваат оттаму, ќе се одлучува во текот на денешниот ден.
Поради запазување на институтот пресумција на невиност, од Основниот суд во Кочани не го соопштуваат идентитетот на осомничените за кои е отворена истрага и на кои им е определен притвор.
Инаку, станува збор за 19 лица на кои претходно на барање Обвинителството во два наврати им беше определувана мерката краткотраен 48-часовен притвор во текот на предистражната постапка, а со цел истражните органи да можат да ги приберат потребните докази за поведување на истрага.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донело наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани. Оттаму велат дека деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување ќе бидат соопштени на прес-конференција пред зградата на Основното јавно обвинителство Кочани денеска во 12 часот.
Меѓу осомничените, како што е веќе познато во јавноста, се поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во ова Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу.
Според информациите што ги објавија дел од медиумите, Бектеши, Чекиќ-Дуровиќ и Хаџиу се меѓу осомничените на кои синоќа им е одреден 30-дневен притвор.
Еленко Миланов, кој му е адвокат на Бектеши, во изјава за „360 степени“ потврди дека на поранешниот министер му е определен 30-дневен притвор. Решението, вели, го примил нешто по 5 часот утринава и додава дека ќе поднесе жалба.
Во врска со трагедијата вчера попладне беа уапсени градоначалник на Кочани во оставка, Љупчо Папазов и поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Претходно завчера во одделна постапка, а во врска со пожарот во Кочани, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои веќе им одреден 30-дневен притвор.
Истрагата која треба да утврди одговорност за пожарот во Кочани ја води обвинителски тим од девет обвинители. Покрај двајца од Основното јавно обвинителство Кочани, во тимот има двајца нивни колеги од ОЈО Штип и петмина обвинители од скопското Основно јавно обвинителство.
Како што деновиве изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани ќе биде брза и ефикасна, но не избрзана.