Многу Британци ќе ја почнат 2021 без правото слободно да работат и да патуваат низ Европската Унија.
Стенли Џонсон, таткото на британскиот премиер Борис Џонсон, денеска изјави дека ќе поднесе барање за француско државјанство. Неговиот коментар доаѓа само неколку часа пред Обединетото кралство и формално да излезе од ЕУ. Џонсон (постариот), кој е поранашен член на Европскиот парламент, за француското радио РТЛ изјавил „секогаш ќе бидам Европјанин“.

„Не станува збор за тоа да станам Французин. Ако разбирам добро, јас сум Французин… Мајка ми е родена во Франција, нејзината мајка е целосно Французинка, како што бил и нејзиниот дедо. Така, за мене, јас само го добивам она што веќе го имам“,
изјави Стенли Џонсон
Велика Британија официјално го напушта единствениот пазар и царина на ЕУ точно на Нова година. Во исто време, на сила ќе стапи новиот договор, кој Брисел и Лондон го постигнаа во „последна минута“. Но, многу Британци ќе ја почнат 2021 без правото слободно да работат и да патуваат низ блокот од 27 држави.
