Жупаноски беше советник за дигитални комуникации на премиерите Заев, Спасовски и Ковачевски и имаше ангажман во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата од 2017 година наваму. Беше еден од основачите на концептот за дигитална отчетност и транспарентност
На 41-годишна возраст, вчера во Скопје почина владиниот советник за дигитални комуникации и општествен активист за демократија, Илија Жупаноски.
Жупаноски беше советник за дигитални комуникации на премиерите Заев, Спасовски и Ковачевски и имаше ангажман во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата од 2017 година наваму. Тој е еден од основачите на концептот за дигитална отчетност и транспарентност, активен борец против дезинформациите и хибридните кибернапади врз демократиите со големо домашно, регионално и меѓународно искуство.
Жупаноски е роден 1982 година во Скопје. Завршил средно економско училиште и економски факултет во Скопје, а магистрирал информациски системи на универзитетот Лунд во Шведска.
Беше еден од младинските активисти кои учествуваа во програмата Економско образование за млади, a од крајот на 90-тите учествува во основањето, развојот и професионализацијата на македонската дебатна асоцијација и на Младинскиот образовен форум (МОФ). Беше извршен директор на МОФ од 2007 до 2010 година.
Беше член и на управниот одбор на European Digital Diplomacy Exchange (EDDE), меѓународна мрежа на владини комуникатори чија цел е зголемување на колективните капацитети за поефикасна заштита на демократиите во рамките на дигиталниот информациски простор.