На 24 февруари во Солун ќе се одржи конференција за поддршка на европската перспектива на регионот, на која ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на балканските земји членки на ЕУ и шефовите на дипломатиите на земјите кандидати за членство од Западен Балкан.
Како што јави МИА од Атина, конференцијата е дел од грчките иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите во регионот, а беше најавена на крајот на ноември, на редовниот брифинг со новинарите во Министерството за надворешни работи на Грција, кога портпаролот Александрос Гениматас ги спомена активностите што планира да ги преземе Атина.
Претстојната конференција ја споменаа и шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас за време на неговите вчерашни средби во Подгорица и Загреб и заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, на средбата со комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји.
На средбата со шефот на хрватската дипломатија, Гордан Радман, Дендиас рече дека за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ, Грција ќе соработува и ќе има конструктивна позиција, особено во однос на „зајакнувањето на регионалната соработка и промоција на европската перспектива на соседите од Западен Балкан“.
Грчкото МНР информира дека Варвициотис ја изразил посветеноста на Грција во процесот на проширувањето и ја поддржал европската перспектива на Северна Македонија и Албанија, а според грчкото МНР, тој ја „потенцирал важноста на добрососедските односи, како и почитување на обврските од страна на соседите“.
„Сакаме да одиме напред и да ја испратиме пораката дека Балканот може да ѝ верува и да се потпре на ЕУ и на Брисел“, истакнал Варвициотис, додавајќи дека проширувањето може „повторно да биде визија за граѓаните на балканските земји во период кога Европа ја загуби нејзината динамика“.