Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази длабоко сочувство за трагедијата и изрази подготвеност од страна на неговата држава да помогне

Владата на Република Србија на утрешната седница, на предлог на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ќе го прогласи вторник 18 март 2025 година за ден на жалост во Република Србија поради трагедијата во Република Северна Македонија, соопшти српската влада.
„Премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ, и претседателот Вучиќ утринава разговараа за трагедијата во Кочани во Република Северна Македонија, каде што голем број граѓани загинаа во пожар во дискотека, по што беше одлучено е 18 март да биде ден на жалост во Република Србија“,
се наведува во соопштението на Владата.
Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази длабоко сочувство за трагедијата и изрази подготвеност од страна на неговата држава да помогне.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние што се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да даде секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“,
објави Вучиќ на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, реакции постојано пристигнуваат од европски и светски лидери за трагичната вест.
Официјално 59 лица загинаа во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а повредени се 155 лица. Од загинатите идентификувани 35 лица, од кои 31 се од Кочани и 4 од Штип.