Идната влада, изјави Мицкоски, ќе биде составен од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски
Прашан каква ќе биде соработката со ДУИ по нивната поддршка на Законот за реорганизација на министерствата, за што од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ е во широка коалиција со партијата на Али Ахмети, Мицкоски одговори дека очекувал за Законот да гласаат и пратеници од Левица и од коалицијата предводена од СДСМ, со кои, како што рече, лично остварувал контакти цело време
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.
Претходно, како што изјави тој, в недела седници ќе одржат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што Мицкоски ќе ги претстави кадровските решенија за идни министри со нивната биографија.
Во однос на кадровските решенија на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да зборува во нивно име и дека очекува тие самите да ги соопштат.
„Јас не би зборувал во името на другите политички партии и во името на нашите коалициски партии. Тие претпоставувам, тоа што имаат да го кажат ќе си го кажат самите. Што се однесува за коалицијата ’Твоја Македонија’ и ВМРО-ДПМНЕ ние сме структура којашто има вертикална организациска поставеност, функционира врз основа на статут и нормално во согласност со законите и Уставот. Овој викенд, во недела ќе биде одржана седница на Извршниот и на Централниот комитет на партијата. Ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар со нивната биографија. Очекувам Извршниот и Централниот комитет да се произнесат и доколку тоа произнесување е успешно и позитивно да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната влада заедно со програма за работа на идната влада ќе бидат бидат доставени во вторник на 18 јуни во македонското Собрание“,
изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која тој е поканет да присуствува како гостин.
Прашан дали тоа значи дека целиот список со кадровските решенија на идната влада е комплетиран и затворен од сите партии, Мицкоски повтори дека не сака да зборува во име на другите партии, а дека нивниот ќе биде комплетиран в недела.
„Седницата на Извршниот комитет е во 18 часот, а очекуваме седницата на Централниот комитет да биде во 19 часот овде во Скопје“,
додаде тој.
Идната влада, изјави Мицкоски, ќе биде составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
„Во македонскиот парламент во опозиција ќе биде коалицијата т.н. ’Европски фронт’, коалицијата, како се нарекуваше ’За европска иднина’, предводена од СДСМ и политичката партија Левица. И со тоа ќе биде реализирано второто ветување коешто го дадовме пред изборите. Првото ветување беше реорганизација на составот на владата, второто ветување е ДУИ во опозиција и третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори којашто македонската јавност ќе ја види на 25 јуни“,
рече Мицкоски.
Во тој контекст, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада вели дека секоја недела ќе одат со презентирање на уште по едно ветување.
„Планираме многу интензивен распоред на активности во првите 100 дена“,
рече тој.
На прашање каква ќе биде соработката со ДУИ по нивната поддршка на Законот за реорганизација на министерствата, кој во саботата рано наутро беше изгласан во Собранието по скратена постапка, за што од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ е во широка коалиција со партијата на Али Ахмети, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори оти очекувал за Законот да гласаат и пратеници од коалицијата предводена од СДСМ и од Левица. Во овој контекст тој рече дека вратата за поддршка на Законот била отворена за сите.
„Гласаа пратеници на ДУИ точно, но од коалицијата ’Европски фронт’ гласаа пратеници коишто се дел од турската Демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници коишто не се од Демократската унија за интеграција. Очекувавме да гласаат и пратениците коишто се дел од коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица, бидејќи тоа што СДСМ не го кажува, а што треба македонската јавност да го знае е дека јас лично остварував контакти со нив цело време и вратата да го поддржат овој закон за сите пратеници беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери препознаа квалитет во овој закон и гласаа претпоставувам дека тие треба да ви дадат одговор. Дел од идните опозиционери коишто не препознаа можеби квалитет или имаа други политички математики и калкулации не гласаа“,
изјави Мицкоски.
Прашан во врска со ветувањето од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на институциите за 10 отсто и дали со реорганизацијата на министерствата наместо намалување сега ќе добиеме зголемување на бројот на вработени во администрацијата, Мицкоски рече дека намалувањето ќе биде поголемо.
Во контекст на ова, тој рече дека тука влегува и намалувањето на бројот на пратеници во Собранието од сегашните 120 на 90, но за тоа, како што додаде, потребни се измени на Уставот.
„Дозволете да ве изненадиме пријатно, да не бидат 10 проценти, да бидат повеќе. Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата. Исто така можам да ви кажам дека се работи и дека веднаш по формирањето на владата ќе почне да се работи на уште едно ветување коешто е заедничко со идните коалициски партнери, а тоа е еден Клинички центар, што значи дека ќе имаме уште педесетина функционери помалку. При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа којашто беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90“,
изјави Мицкоски.