Состанокот меѓу двајцата претседатели, прв откако Трамп по вторпат влезе во Белата куќа, ќе се одржи на Алјаска и главна тема на разговорите ќе биде ставањето крај на руската агресија врз Украина
Најавата за средбата ја објави Трамп на социјалните мрежи велејќи дека двете страни се блиску до договор за прекин на огнот, со што би можела да заврши три и полгодишната војна. Претходно, Трамп во разговор со новинарите во Белата куќа рече дека можниот договор веројатно ќе вклучува и размена на територии.

„Ќе има некои размени на територии за доброто на двете земји“,
изјави американскиот претседател.
Состанокот го потврди и Москва.
„САД штотуку објавија дека е постигнат договор – в петок, 15 август, за организирање состанок меѓу лидерите на двете земји“,
рече Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател.
Во изминатиот период Вашингтон најави дека ќе воведе нови санкции и царини за Русија и земјите кои од неа купуваат нафта ако наскоро не се стави крај на војната. Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, во средата имаше неколкучасовен состанок со Владимир Путин.