На 12 август е закажано тестирањето по мајчин јазик, а два дена подоцна ќе се полага изборниот екстерен испит. За двата испитни дена се пријавени вкупно 1 118 ученици
Матурантите кои во јуни годинава не ги положиле или нецелосно ги положиле двата екстерни испита од државната матура ќе може да ги полагаат на 12 и на 14 август.

На 12 август е закажано тестирањето по мајчин јазик, а два дена подоцна ќе се полага изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
За двата испитни дена се пријавени вкупно 1 118 ученици.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), 352 од нив ќе полагаат македонски јазик, 225 албански јазик, а девет турски јазик. Англиски јазик ќе полагаат 779 ученици, еден ученик ќе полага француски јазик, двајца – германски јазик, 27 матуранти ќе полагаат математика и еден ученик е пријавен да го полага испитот по естетика.
Испитите во августовскиот рок матурантите ќе ги полагаат во простории на факултетите.
Министерството за образивание и наука (МОН) и ДИЦ пред неколку дена ги соопштија резултатите од спроведената државна матура во јунскиот испитен рок. Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита во јуни е 3,69 и е повисок од минатата година кога средната оценка беше 3,26.