Кисинџер во1970-тите години беше синоним за надворешната политика на САД.
Добил Нобелова награда за мир во 1973 година за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам
На 100 години почина Хенри Кисинџер, поранешниот државен секретар на САД, советник за национална безбедност и една од највлијателните и најконтроверзни надворешнополитички фигури во американската историја, пренесува Си-ен-ен.

Во соопштението на неговата консултантска куќа „Кисинџер асошиејтс“ се вели дека Кисинџер починал вчера во својот дом во Конектикат.
Оттаму не ја навеле причината за неговата смрт.
Кисинџер во1970-тите години беше синоним за надворешната политика на САД. Добил Нобелова награда за мир во 1973 година за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам.
Препознатлив е и по неговата контроверзна одлука да ја подели Нобеловата награда за мир со својот северновиетнамски колега, Ле Дук То, за Парискиот мировен договор од таа година.
Како причина било наведено отсуството на вистински мир во Виетнам.
Дук То не ја прифатил неговата одлука, а двајца членови на Нобеловиот комитет поднеле оставки во знак на протест поради наградата.
Кисинџер бил критикуван поради бомбардирањето на Камбоџа за време на Виетнамската војна, што довело до подем на геноцидниот режим на Црвените Кмери, како и заради неговата поддршка за државен удар против демократската влада во Чиле.
Тој е заслужен и за тајната дипломатија која му помогнала на претседателот Ричард Никсон да ја отвори комунистичка Кина кон Соединетите Американски Држави и Западот.
На Блискиот Исток, Кисинџер направил нешто што подоцна станало познато како шатл-дипломатија, со цел да ги раздвои израелските и арапските сили по последиците од војната во Јом Кипур во 1973 година.
Неговиот „детентен“ пристап кон американско-советските односи, помогнал и да се релаксираат тензиите и довело до неколку договори за контрола на оружјето, што во голема мера го водел и ставот на САД до ерата на Реган.
Роден е во Германија, во баварскиот град Фурт, по завршувањето на Првата светска војна. Неговите родители Евреи, сфаќајќи што може да се случи откако Хитлер дошол на власт, ја напуштиле Германија во 1938 година. Пет години подоцна Кисинџер станал натурализиран Американец, веднаш се вклучил во американската армија и како разузнавачки офицер учествувал во петнеделната Битка за Ардените.
По Втората светска војна се запишал на Харвард, каде што дипломирал, докторирал и почнал да го трасира патот во владините структури.