Симболично со Денот на трудот, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави оти ќе излезе на масовен првомајски протест со барање за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, согласно порастот на минималецот. Доколку Владата и работодавците не одговорат на нивното барање, не е исклучена можноста протестот да прерасне во генерален штрајк

На 1 Мај борбата ќе биде на улица – вака Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го најави масовниот првомајски протест кој го организира симболично со Денот на трудот, а во насока на исполнување на барањата на синдикатите за линеарно зголемување на платите во согласност во минималната плата, која од овој месец се зголеми за 2 800 денари.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на денешната прес-конференција истакна оти синдикатите се отворени за дијалог со Владата, а другата страна како социјален партнер нека ги покани, како што рече, за да го решат проблемот. Барањата на синдикатите, како што истакна Димовски, е линеарно зголемување на платите од први мај за 2 806 денари нето-износ, вклучително од општиот работник до претседателот на државата.
„На 1 Мај борбата ќе биде на улица, а не на плажите и на ски-центрите на планините. Ние, работниците, да ја сфатиме сериозно оваа порака – да излеземе на 1 Мај и да ги оствариме нашите права. Денеска е објавена синдикалната минимална потрошувачка кошничка која изнесува 36 786 денари, порасната е за 922 денари зашто во јануари таа изнесуваше 35 811 денари. Дали ова кажува дека е неопходно и што побрзо зголемување на сите останати плати“,
истакна Димовски.
Тој во своето обраќање ги повика сите синдикати, конфедерации, унии, незадоволни работници и пензионери да се приклучат на првомајскиот протест за поддршка на нивното барање за кое, рече, е фер решение за сите три социјални партнери.
Доколку Владата и работодавците во јавниот и во приватниот сектор не одговорат на нивното барање, Димовски додаде оти не ја ја исклучува можноста протестот да прерасне во генерален масовен штрајк кој би значел дека синдикати кои се во ССМ и онаму каде што имаат членови да прекинат со процесот на работа во работното време.
„1 Мај се паѓа во продолжен викенд, но уште поубаво е сите да земеме зголемени плати. Се соочуваме со секакви кризи – енергетска, економска, воена, уште ја имаме и ковид-кризата. Светот е погоден од голема рецесија и инфлација, но тоа не значи дека доколку се покачат платите дека ќе настане инфлација. Бидејќи знаеме дека цените на основните производи се ограничени, маржите се ограничени, даноците на производите се намалени и дојде време во ова невреме и на работникот да му се излезе во пресрет“,
додаде Димовски.