Конференцијата со 300 учесници официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, Федерика Могерини, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа, еврокомесарот Јоханес Хан
Околу триста учесници од целиот регион и меѓународната заедница, меѓу кои премиери, претседатели, министри и генерални секретари ќе учествуваат на Првата меѓународната конференција во рамките на Преспа – форумот за дијалог – „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, што ќе се одржи на 1 и 2 јули годинава во Охрид и Отешево.
Конференцијата официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, Федерика Могерини, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа, еврокомесарот Јоханес Хан.
Во првиот дел ќе се одржат повеќе сесии, посветени на економијата и бизнис соработката, граѓанското општество и медиумите во регионот и во процесот на европската интеграција. Ќе се зборува за младите и нивната визија за иднината на регионот на Југо-источна Европа, потоа за жените, мирот и стабилноста – поглед од Западен Балкан, за градењето доверба преку дијалог, како и за улогата на Западниот Балкан во иднината на Европа и поуките од долгогодишните спорови во Југоисточна Европа.

На конференцијата, ќе учествуваат и Специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, претседателот Стево Пендаровски, како и претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и на Словенија Борут Пахор, премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, на Албанија Еди Рама и други.
„Преспа- форумот за дијалог е платформа за нашата приказна и гласно да зборува во целиот свет, а целта е промоција на демократскиот дијалог низ примерите на Охридскиот рамковен договор, кој годинава слави 20-годишнина, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои не се конечни решенија, туку се рамка за уредување на одредени прашања кои понатаму се прилагодуваат на тековните случувања“,
рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција.
Тој најави дека пред стартот на конференцијата, на 30 јули ќе се одржи неформален состанок на платформата Б6, на која министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ќе имаат т.н. „средба без вратоврски“.
„Мојата интенција е овој неформален формат, слично како што се и другите европски формати како Б4 или Ц5, да стане редовна активност на министрите од регионот, каде ќе можеме неформално да разменуваме мислења, информации и да предлагаме идеи за сите предизвици и можности во рамки на меѓусебната соработка“,
рече Османи.

Прашан, дали од самата средба ќе има некои усвоени политички декларации или заеднички изјави, Османи истакна дека платформата Б6 не е директно поврзана со форумот и нема да се усвојат заклучоци и декларации, меѓутоа ќе биде можност за воспоставување на редовен дијалог меѓу министрите од регионот и пред се да се покаже степен на зрелост од регионот.
„Од самата конференција, која што очекуваме да биде содржајна и во идеите и иницијативите, кои очекуваме да се преведат во т.н. политички насоки или препораки и ќе може да послужат и како основа за други иницијативи, основа за континуитет на оваа платформа, но и порака кон ЕУ и трансатлантската заедница“,
изјави Османи.
Конференцијата е во организација на МНР, а под покровителство на премиерот и Владата.