Од Државниот инспекторат за животна средина, пак, се очекува итно да преземе активности поврзани со контрола и управување со депониите во целата држава
Општините да спроведат детални контроли, да ги идентификуваат сите диви депонии и да изготват план за нивно отстранување – препорача Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) по пожарите на депонијата на Вардариште, депонијата „Дрисла“ и електронскиот и пластичен отпад во Трубарево.

Од Министерството изразија очекување дека општините ќе преземат мерки за унапредување на состојбата со управување со отпадот, а од Државниот инспекторат за животна средина дека итно ќе преземе активности поврзани со контрола и управување со депониите на територијата на целата држава.
„Во таа насока, се препорачува формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, воспоставување соработка со инспекциските служби за утврдување на одговорност, изработка на извештај за состојбата со дивите депонии кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и спроведување информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните за правилно постапување со отпадот“,
наведуваат од МЖСПП.
Контролата на депониите на територија на државата, за која е задолжен Инспекторатот за животна средина, треба да опфати проверка дали депониите работат согласно издадените дозволи и еколошките стандарди, утврдување на евентуално незаконско депонирање или неправилно управување со отпадот, како и преземање на мерки за санација и санкционирање во случаи на утврдени прекршувања.