Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух (ДАМСКАВ), во периодот од 10 до 12 септември, нема регистрирани надминувања за сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид и озон

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје е во рамките на граничните вредности, со исклучок на мали надминувања на среднодневната вредност за честичките ПМ 10 на мерните станици во Лисиче и Центар.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух (ДАМСКАВ), во периодот од 10 до 12 септември, нема регистрирани надминувања за сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид и озон.
Надминувања на ПМ 10 честички, како што велат од МЖСПП, имало на мерно место во Лисиче.
„На 10 септември е забележано надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на кубен метар со измерена концентрација од 55,93 микрограми на кубен метар на мерно место во Лисиче“,
велат од Министерството.
Повисоките вредности се регистрирани во вечерните и ноќните часови во периодот меѓу 19 и 2 часот.
На мерно место во Центар, од МЖСПП велат дека на 11 септември било забележано благо надминување со концентрација од 50,41 микрограми на кубен метар.
„Воопшто, часовните концентрации на ПМ 10 честичките се релативно ниски на повеќето мерни места во Скопје, со исклучок на Лисиче, каде што се забележани повисоки вредности во ноќните и утринските часови, додека попладне концентрациите се пониски“,
соопшти попладнево МЖСПП.
Изминатите денови, откако во вторникот избувна пожар на депонијата „Дрисла“, скопјани постојано реагираат дека се шири миризба на изгорено ѓубре и пластика.
Утринава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, упати да се погледнат мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање. Па така, мерната станица во Лисиче покажа дека според мерењето во 7 часот се регистрирани 39,3 микрограми на кубни метри ПМ 2,5 честички.
Оваа концентрација на ПМ 2,5 честички во Лисиче е 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, пишува платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“.
Високо беше и присуството на ПМ 10 честичките кое изнесуваше 82,5 микрограми на кубни метри.
Од МЖСПП вчера рекоа дека Инспекторатот за животна средина извршил вонреден инспекциски надзор во депонијата „Дрисла“ и дека е изготвен извештај кој е доставен до Министерството.
Попладнево директорот на ДЗС информираше дека чадењето од депонијата е активно и денеска, но е значително намалено за разлика од претходните денови. Делот каде што се одвива чадењето е делумно затрупан, се работи со механизација, но, како што додаде, просторот е тесен и не дозволува проод на повеќе машини.
До вечер очекува дека делот каде што гори, целосно ќе биде затрупан, но ако тоа не се случи утре ќе им помогнат возила на „Бехтел и Енка“.