Ако се земат предвид процентите на високоразвиените европски земји како што се Белгија, Франција, Италија… Северна Македонија има два до три пати помала стапка на смртност во однос на бројката на заразени, појаснуваат од ресорното Министерство
Процентот на смртност од вкупниот број потврдени случаи на ковид-19 во Северна Македонија изнесува 5,8 %, а со повисок процент на смртност во регионот се Словенија со 7,3%, Босна и Херцеговина со 6,2%, Грција со 6%, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму велат дека процентот на смртност во нашата земја е под светскиот просек кој изнесува 6,17% и далеку под европскиот просек кој изнесува 8,75%. Ако се земат предвид процентите на високо-развиените европски земји како што се, Белгија со 16,26%, Франција со 15,63%, Италија со 14,31%, Велика Британија со 14,02% и Шведска со 12,03%, Северна Македонија има два до три пати помала стапка на смртност, наведуваат од ресорното Министерство.
Реагирајќи на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека нашата земја е меѓу државите со највисока стапка на смртност од новиот вирус, од МЗ посочуваат дека смртноста не се смета според бројот на жители, туку според бројот на заразени.
„Северна Македонија е земја која зема постмортем брсиеви на лицата кои починале со симптоматологија на болеста. Ова е одговорна стратегија затоа што на овој начин се изолираат контактите на починатиот и се превенира понатамошно ширење на епидемијата. Ако од вкупната бројка на починати од ковид-19 се изземат позитивните резултати постмортем, стапката на смртност во земјата би била уште пониска“,
се нагласува во реакцијата на Министерството за здравство.
