Снимките од мамографиите ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип, информира Министерството за здравство. Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо-преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип
Поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип, прегледите ќе се реализираат во Општата болница Кочани, информира Министерството за здравство. Оттаму, како што велат, воспоставена е координирана организација со цел непречено обезбедување на мамографски прегледи за жените од Источниот Регион.
Во соопштението од министерството се наведува дека мамографиите ќе се изведуваат во Кочани, a снимките ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип.
„Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот“,
вели директорот на болницата во Штип, Владко Захариев.
За пациентките од другите градови од Источниот Регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност, потенцираат од министерството. Со ова, како што велат, се овозможува на околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.
„Институционално се мобилизиравме и во координација со двете здравствени установи овозможивме оваа услуга како времено решение да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начин како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик“,
вели министерот за здравство Азир Алиу.
Во соопштението се наведува и дека во Општата болница Кочани е отворен зголемен број термини, како и дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од овој регион.
