Од Здравство велат дека со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население за намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот

Министерството за здравство (МЗ) вечерва информира дека во координација со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се обезбедени 2 000 заштитни маски „N95“ што вечерва ќе бидат дистрибуирани до жителите на скопското село Трубарево.
Како што информира МЗ, маските се на ЈЗУ „Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби“, а дистрибуцијата ќе се реализира со поддршка на тимови од јавните претпријатија и Општина Гази Баба.
Од Здравство велат дека со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население за намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот.
Додаваат дека на самото место има две возила на итната медицинска помош подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба.
„Наш приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните, особено во вакви кризини ситуации. Министерството и Институтот за јавно здравје ќе продолжат со координирани активности за да се обезбеди соодветна помош и поддршка на сите засегнати“,
изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Од Министерството велат дека ќе ја следат состојба за навремено преземање на сите потребни мерки за заштита на граѓаните.
Инаку, денеска околу 13:30 часот избувна пожар во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Пожарот произведе голем црн облак од чад видлив од цело Скопје и околината. Надлежните информираа дека се користат сите располижливи средства за справување со огнот.
Граѓаните на социјалните мрежи изразуваат силна загриженост за здравјето бидејќи мирисот на изгорено се чувствува низ цело Скопје и околината.
Претходно, ИЈЗ излезе со препораки за заштита на здравјето и благосостојбата на сите граѓани во случаи кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи.