Земјава ќе учествува во набавката на „веклри“, бренд на лекот ремдесивир за лекување на пациенти со ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Набавката на овој лек ќе се овозможи преку Европската Унија со потпишување рамковен договор меѓу Европската комисија и фармацевтската компанија „Гилијад“ преку кој ќе се набават 500 илјади дози со можност за зголемување на количините.
Заедничкиот договор за набавка е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од Европската Унија, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ кандидати, во кои освен С Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Ремдесивир е лек за третман на пациенти со ковид-19 на кои им е потребна кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на лекот може да започне уште веднаш.
„Ова е шеста успешно имплементирана заедничка постапка за набавка. Заедничката набавка е инструмент на Европската комисија од почетокот на годината со кој на земјите им се обезбеди и дополнителен пристап до лична заштитна, респиратори, тестови и друга неопходна медицинска опрема“,
информира Министерството за здравство.
Инаку, С Македонија преку клиничката студија на Светската здравствена организација (СЗО) веќе го има лекот ремдесивир, а со ова ќе се обезбедат дополнителни количини.