По извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат, велат од Министерството за здравство
Министерството за здравство имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Стоматолошката комора и во двата случаи се констатирани неправилности, по што е укажано во законски рок да се отстранат, но не е постапено, велат од ресорното министерство. Одлуката за преземање на надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора, како што се посочува во реакцијата на Министерството, била донесена по сеопфатна анализа.
„Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ’немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат,“
велат од Министерството за здравство.
Од министерството додаваат и дека врз основа на утврдената фактичка состојба, по разгледување на содржината на извештаите и доставената документација, како и одлуката од Уставниот суд од 15.05.2024, министерот за здравство одлучи времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање, сè додека не се воспостави систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално.
Реакцијата следува по денешната прес-конференција на претседателот на Стоматолошката комора, Марјан Денковски, кој кажа дека биле спроведени неколку надзори, но дека немало констатирани неправилности во работењето.
„Сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“,
рече Денковски.
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора. Тој потенцира дека надзорот детектирал сериозни пропусти, како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.