Од повредените во трагедијата во Кочани кои се наоѓаат на лекување во странство, дел и понатаму се во потешка, но стабилна здравствена состојба, а кај дел од нив е констатирано благо подобрување на состојбата
Министерството за здравство попладнево преку соопштение информира за состојбата на повредените во трагедијата во Кочани, кои се на лекување во здравствените установи во земјава и во странство.

На почетокот на соопштението, оттаму напоменуваат дека сите пациенти се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна врвна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство.
Според податоците на МЗ, од вкупно 178 повредени, во јавните здравствени установи во државата во моментот се третираат 64 пациенти и се во релативно стабилна состојба, додека во приватните клиники се лекуваат 13 пациенти.
Од повредените, 101 се наоѓаат во медицински центри во неколку европски држави.
Од вкупно шест пациенти кои беа на интензивно лекување во Австрија, еден е префрлен на оддел, додека другите пет се во потешка, но стабилна состојба.
Во Литванија има четворица пациенти кои, според информациите на Здравство, сè уште се на интензивно лекување, но во моментот се во стабилна состојба.
„Во Србија, од вкупно 30 пациенти, 11 се интубирани во потешка општа состојба, а останатите се стабилни. Во Бугарија се хоспитализирани вкупно 15 пациенти, од кои седум се интубирани и 6 оперирани, со стабилна хемодинамика, а двајца почнуваат од денес да се движат“,
се наведува во соопштението.
Во Ургентниот клинички центар во Љубљана, Словенија, се хоспитализирани двајца пациенти во потешка здравствена состојба, а од вчера кај едниот е констатирано благо подобрување.
Од повредените 12 лица кои се хоспитализирани во Грција, двајца се критични, но стабилни, а тројца од нив се оперирани.
Денеска во утринските часови во Атина се пристигнати нови пациенти, кои се хоспитализирани и се под опсервација, велат од Министерството за здравство.
Во Белгија и во Италија се хоспитализирани по четворица повредени и сите се стабилни.
„Во Хрватска се хоспитализирани двајца пациенти во тешка општа состојба, но стабилни, а за пристигнатите тројца нови пациенти во тек се дополнителни иследувања. Исто така, во Полска се на лекување двајца пациенти, од кои едниот е екстубиран, а другиот е на интензивно лекување“,
се наведува во соопштението на МЗ.
Како што додаваат оттаму, во тек се подготвителни активности за транспорт на двајца пациенти во Шведска.
Претходно денеска, министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека денеска ќе биде последниот транспорт на повредени во пожарот во Кочани кои ќе се лекуваат во странство.
Тој исто така напомена дека во текот на следните денови може да се очекува враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.
Таравари изјави дека добрата вест е што поминаа првите критични 72 часа и нема ниту еден починат од тие што се хоспитализирани во нашите болници.