Како што објави телевизијата Телма, новороденчето кое на свет дошло во петокот напладне во Клиничката болница во Битола, починало 30 часа подоцна, односно во саботата, откако му се влошила здравствената состојба, по што било транспортирано на Клиниките во Скопје
Заменик-министерката за здравство во заминување, Маја Манолева испратила наредба до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) да спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола и во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје во врска со случајот на починато новороденче, кој денеска го објавија медиумите.

„Во текот на денешниот ден од заменик-министерката д-р Маја Манолева е испратена наредба до Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница Битола и во Универзитетската клиника за детски болести за текот на лекување и третманот на родилката (ЗТ) и нејзиното починато новороденче“,
се навадува во соопштението од Министерството за здравство.
Како што објави телевизијата Телма, новороденчето кое на свет дошло во петокот напладне во Клиничката болница во Битола, починало 30 часа подоцна, односно во саботата, откако му се влошила здравствената состојба, по што било транспортирано на Клиниките во Скопје.
Мајката, според информациите на телевизијата, неколку часа по породувањето била известена дека има проблеми со бебето, а следниот ден попладне тоа било пренесено во Скопје.
Родителите, кои се од Ресен, бараат одговори што се случувало со новороденчето од петокот вечерта до саботата попладне и обвинуваат дека болницата не интервенирала навреме.
„Што се случуваше од 19 часот во петокот, до 15 часот наредниот ден кога детето не беше во ред. Тие не организираа брз превоз за Скопје, а јас не сум информиран во ниту еден момент додека траеше транспортот. Јас не бев повикан како родител да присуствувам“,
вели за Телма таткото Драгољуб Китовски.
Од Клиничката болница во Битола велат дека пациентката боледувала од астма и имала неуредно контролирана бременост. Два дена пред да се јави во болница таа била со болки, по што во петокот околу 12 часот е породена со царски рез.

Бебето по раѓањето било аспирирано и кратко реанимирано, а потоа поставено на кислородна поддршка во инкубатор. По ова состојбата се стабилизирала, таква била и во саботата при утринската контрола, но неколку часа подоцна дошло до влошување на здравствената состојба на новороденчето.
„Во 13:25 часот истиот ден, состојбата на новороденчето нагло се влошува, поради што се повикани двата родитела да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото, бидејќи е со висок ризик. На двата родитела им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична, а транспортот е реализиран во најбрз можен рок“,
се наведува во соопштението од Клиничката болница Битола, што го пренесува Телма.
Како што објави телевизијата, телото на бебето е предадено на обдукција, а таткото најавува приватна тужба против лекарот неонатолог и за Клиничката болница во Битола затоа што, според него, ненавремено биле преземени мерки за да се спаси животот на новороденчето.