И кај новозаразените поголем дел се невакцинирани. Од 6 август до 18 ноември имало 53 682 и од нив 36 980 или 69 отсто биле невакцинирани, додека 16 702 лица или 31 отсто биле вакцинирани

Во периодот од 6 август до 18 ноември, 80 отсто од починатите пациенти од ковид-19 биле невакцинирани, додека 20 отсто биле вакцинирани, покажува последната анализа на Министерството за здравство (МЗ).
„Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“,
соопшти МЗ.
Кога станува збор за новозаразените, во истиот период нивниот број изнесува 53 682. Од нив, 36 980 или 69 отсто биле невакцинирани, додека 16 702 лица или 31 отсто биле вакцинирани.
Невакцинираните се најмногубројни и меѓу хоспитализираните.
„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем, од моментално 534 хоспитализирани пациенти, 123 се целосно вакцинирани“,
велат од МЗ.
За вакцинирани се сметаат граѓаните што примиле две дози вакцина и кај кои поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза.