Според податоците на МВР, досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3 000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди
Министерството за внатрешни работи денеска информира за новините што ги носат законските измени во делот на управната постапка што се однесува на возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција забрана за управување со моторно возило, определена со правосилни судски пресуди.

Имено, како што се наведува во информацијата, согласно новите законски одредби, извршувањето на забраната веќе не се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (СМС) и електронска пошта.
Со ова, велат од МВР, се укинува потребата граѓаните дополнително да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана, со ист рок на важност.
Со првата порака, граѓаните кај кои е констатиран овој прекршок ќе добиваат известување.
„Граѓаните ќе ја добијат првата порака приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт-податоци. Оваа порака содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана“,
велат од МВР.
Втората порака што ќе ја добијат е почеток на санкцијата, и таа ќе пристигнува осум дена по примањето на првата порака.
„Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака“,
појаснуваат од Министерството.
Во следната фаза Министерството, како што најавуваат оттаму, треба да овозможи извршувањето на забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците.
Според податоците на МВР, досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3 000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди.
Од институцијата апелираат до сите граѓани за кои се донесени правосилни пресуди со ваков вид санкција и кон кои е испратена порака од МВР, да се упатат во надлежните организациски единици за управни работи на Министерството.
„Целта на посетата е доставување и ажурирање на личните контакт податоци (број на мобилен телефон и имејл), што е неопходен предуслов за правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување дополнителни недоразбирања. Дополнително, ги известуваме и сите граѓани кои имаат за цел да избегнат извршување на забраната, а за кои Министерството веќе располага со контакт-податоци, дека санкцијата ќе биде реализирана, а тие ќе бидат известени преку СМС-порака и електронска пошта“,
се наведува во соопштението.
Покрај извршувањето на забраните за управување со моторни возила, од МВР велат дека паралелно и целосно автоматизирано се спроведува и извршување на забраните констатирани преку системот „Безбеден град“.
Известувањето, наведуваат оттаму, се врши на ист начин – преку СМС-порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според законот е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба.
„Со воведувањето на овие измени, процесот станува побрз, поефикасен и значително се намалуваат административните процедури за граѓаните“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
