Министерството за внатрешни работи објави оглас за 600 полицајци. Огласот ги содржи општите и посебните услови што треба да ги исполнат кандидатите. Најмногу полициски службеници ќе се вработат во СВР Скопје

фото: „360 степени“
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска е објавен оглас за вработување 600 полицајци, согласно организациски потреби и законските одредби.
Во Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 300 извршители, во СВР Охрид отворени се места за 100 извршители, а прием за 30 извршители е овозможен во СВР во Тетово. По 20 полицајци се бараат во секторите за внатрешни работи во Струмица, Куманово, Штип, во Одделот за заштита на определени личности и објекти, како и во Регионалните центри за гранични работи Север и Запад. По 15 извршители се бараат во секторите за внатрешни работи Битола и Велес, а по 10 извршители во регионалните центри за гранични работи Исток и Југ.

Покрај општите услови наведени во огласот, кандидатите треба да исполнат и посебни услови. Потребна е телесна висина од најмалку 175 сантиметри за машки, а 165 за женски лица и висока лична физичка подготвеност.
Во потребната документација, како доказ за исполнување на потребните услови за работното место, се извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно средно образование и две фотографии од 3,5 сантиметри – 4,5 сантиметри, како и потпишана изјава со што лицето потврдува дека не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.
„По спроведената постапка за селекција, која опфаќа административна селекција на поднесената документација, проверка на моторички способности – за мажи најмалку девет ‘склекови’ во интервал од 10 секунди, најмалку 16 ‘стомачни подигања’ во интервал од 30 секунди, ‘скок во далечина од место’ со минимална должина на скокот од 220 сантиметри, ‘спринт на 20 метри’ за најмалку 3,35 секунди, ‘спринт на 100 метри’ за најмалку 15 секунди и ‘трчање на 1 500 метри’ за најмалку 5,25 минути, за жени најмалку шест ‘склекови’ во интервал од 10 секунди, најмалку 12 ‘стомачни подигања’ во интервал од 30 секунди, ‘скок во далечина од место’ со минимална должина на скокот од 160 сантиметри, ‘спринт на 20 метри’ за најмалку 3,50 секунди, ‘спринт на 100 метри’ за најмалку 18 секунди и ‘трчање на 800 метри’ за најмалку три минути, како и други физички проверки определени од страна на Комисијата, потоа тест за интегритет и психолошки тест, општообразовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи“,
се појаснува во соопштението.
Избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година што ќе се спроведе во Центарот за обука во МВР.
„Рокот за доставување на пријавите трае 15 дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас, не сметајќи го денот на самото објавување. Ненавремената и непотполна документација нема да се разгледува“,
се истакнува во соопштението.
МВР објави и промотивно видео.
