Од МВР велат дека ВМРО-ДПМНЕ не изнело ниту еден доказ за обвинувањата, а потенцираат и дека на денот на изборите во Прилеп не е испратено ниту едно возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок
Категорично ги отфрламе невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе“, реагираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) откако опозициската партија и денеска одржа прес-конференција на која тврдеше дека група вработени во МВР во Прилеп биле параполициско здружување во функција на СДСМ.
Додека Драган Ковачки од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, од една страна читаше пораки од вибер-група и тврдеше дека се правеле црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајот, се давала наредба за измислување прекршоци и правеле и имало физичко следење, од МВР велат дека опозицијата не изнесува ниту еден доказ.
„Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на кој било начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер-група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во кој било друг град не се координираат преку вибер-групи“,
велат од МВР.
Исто така, потенцираат дека на денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп не е испратено ниту едно возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок.
„Тоа говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер-групи или графички прикази од вибер-групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму“,
велат од Министерството.
На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираа и од владејачката партија од каде во целост се оградија од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори. СДСМ, рекоа од партијата, води искрена, приземна, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер-групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори.