Лицата, како што информираат од МВР, биле приведени во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека во текот на вчерашниот ден од слобода биле лишени 15 лица од повеќе градови во земјата бидејќи ги управувале своите возила, дел без возачка дозвола, дел поради претходно изречена забрана, а дел под дејство на алкохол.

Најголем дел од лицата што биле приведени, или вкупно 10 биле фатени од полицијата како возат без возачка дозвола.
„Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Пробиштип, општина Старо Нагоричане, Куманово, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Тетово и Битола управувале возило без возачка дозвола“,
се наведува во соопштението на МВР.
По еден возач во Скопје, Велес и Гостивар биле санкционирани затоа што управувале возило иако имале претходно изречена мерка – забрана за управување моторно возило од Б-категорија, а едно лице во Штип седнало зад воланот под дејство на алкохол.
Последниот од приведените, пак, е лице од Кавадарци, кое било фатено од полицијата како управува возило и без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Лицата, како што информираат од МВР, биле приведени во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол.
„Сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“,
порачуваат од МВР.
