Кузеска упати и директни прашања до министерот за внатршни работи Панче Тошковски, зошто се ангажира форма без релевантно искуство и без безбедносен серитфикат и кој може да гарантира дека нема да има масовно издавање на нови документи непосредно пред изборите
Министерството за внатрешни работи (МВР) тајно почнало процес за нов систем за издавање лични карти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска.

Повикувајќи се на јавно достапни информации, таа рече дека веќе е ангажирана фирма, без какво било искуство во оваа област.
„Фирмата досега правела студии за отпад и стадиони, а сега треба да прави студија за систем со највисок степен на доверливост – издавање на лични карти и пасоши“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Кузеска посочува дека во тендерската документација не се бара безбедносен сертификат за лицата што ќе имаат пристап до податоците, што е крајно сомнително и несоодветно.
„Нема гаранција ниту за заштита на доверливи податоци на државата и граѓаните. Зошто? Сѐ ова се прави без транспарентност, далеку од очите на јавноста и крајно сомнително“,
вели таа.
Според неа, МВР сака да го централизира целиот систем, од производство до издавање документи, без контрола, без надзор, без јавност, без сертификати, а тоа додаде дека не е модернизација, туку рецепт за злоупотреба.
„Се поставува прашањето дали ова значи дека повторно се подготвуваат сценаријата како од времето на Никола Груевски, кога МВРО-ВМРО насовно издаваше незаконски лични карти и спроведуваше незаконско гласање“,
праша таа.
Кузеска упати и директни прашања до министерот за внатршни работи Панче Тошковски, зошто се ангажира фирма без релевантно искуство и без безбедносен серитфикат и кој може да гарантира дека нема да има масовно издавање на нови документи непосредно пред изборите.