Шалтерот ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 17 часот во зградата на МТВ во Скопје, а таму, како што соопштија од МВР, граѓаните ќе може да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрација на возилата доколку е настаната промена или доколку добиле известување со неточни податоци
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека од утре се отвора посебен шалтер за системот „Безбеден град“ во Одделот за граѓански работи во зградата на МТВ во Скопје.

Шалтерот ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 17 часот, а таму, како што соопштија од МВР, граѓаните ќе може да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрација на возилата доколку е настаната промена или доколку добиле известување со неточни податоци.
Ажурирање на податоците ќе може да се направи и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на Министерството за внатрешни работи.
Од МВР дополнително информираат дека за сите нејаснотии, прашања или проблеми во врска со системот „Безбеден град“, граѓаните може да достават забелешка по електронска пошта на [email protected].
