Тоа, како што појаснуваат од МВР, е причината поради која има зголемен број на полициски службеници низ целата држава, особено во Кочани и околу општинската зграда
Министерството за внатрешни работи информира дека се вршат претреси во општинската зграда во Кочани од каде што се прибира потребната документација во врска со предистрагата за трагедијата во која загинаа 59 лица.

Тоа, како што појаснуваат од МВР, е причината поради која има зголемен број на полициски службеници на територија на целата држава, особено во Кочани и околу општинската зграда.
„Зголемениот број на полициски службеници е поради извршување на службени активности и обезбедување на документација од општината, а не заради попречување на граѓаните во нивното уставно загарантирано право на собирање и одржување на протест. Апелираме сите собири и протести да се одржат во мирна атмосфера“,
наведуваат од МВР во писменото соопштение.
Претходно и премиерот Христијан Мицкоски потврди дека истражните органи денеска влегуваат во општинската зграда во Кочани за да ги обезбедат сите потребни документи потребни во предистрагата. Во оваа смисла рече дека дали и колкава е одговорноста на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, во врска со трагедијата ќе утврди Јавното обвинителство.