„Зошто ние ја бараме оставката од министерот за внатрешни работи? Затоа што тој секогаш делува откако ќе се случи нешто. Не делува да го превенира тоа. Буквално тоа го кажа и вчерашниот протест кој навистина имаше голема масовност“, вели Александар Трајановски, еден од новите потпретседатели на СДСМ
Одлуката за откажување на Осмомартовскиот марш планиран во Богданци беше поради новонастанатата ситуација и нема политичка конотација, туку знак на поддршка на граѓанските движења против насилството врз жените, вели потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето дали една од можните причини за одлуката е ризикот мал број луѓе да го поддржат партискиот марш во Богданци, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, и дали со вчерашното присуство во паркот „Жена борец“, СДСМ политички го обои собирот, Трајановски вели:
„Не. Видете вака, јас како граѓанин на оваа држава можам да одам да протестирам и да поддржам сè што мислам дека е за доброто на граѓаните. Така што, дали сме дале ние поддршка – поддршка сме дале затоа што сме излегле, поддршка на протестот во смисла дека сме за стоп за насилството врз жени. Тоа што се случува моментално со ова насилство на жени не се случувало никогаш во нашата држава. Извинете, ама јас мислам дека ние испративме посилна порака што излеговме со луѓето заедно, дадовме поддршка без никакви партиски обележја, отколку да бевме во Богданци и да го реализиравме нашиот осмомартовски марш. Зошто да не дадеме поддршка на луѓето кои тука излегоа и дадоа силна порака и на владата, еве нека биде и на сите влади претходно, како се бореле со оваа состојба. Така што, апсолутно сметам дека излегувањето и поддршка на овој протест нема никаква политичка конотација, туку едноставно беше и членството повеќе за да се одвива овој протест овде“.
Во однос на барањето за оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Трајановски посочува дека не станува збор за политизирање на последните случаи поврзани со фемицидот и семејното насилство, туку дека повикот е поради нефункционирање на институциите.
Трајановски: Кај нас секогаш треба да се случи некоја катастрофа за да се заангажираме и да почнеме да работиме. И тоа ќе трае неколку дена и ќе заврши, исто како Кочани, како „Пулс“… Ги поминаа за две недели, ги свртеа сите дискотеки да видат дали се исправни, дали се по сите закони. А пред тоа година и пол спиеја. Е сега, од овој аспект јас зборувам – убиство на млада девојка и девојче да се случи покрај 12 пријави во Центарот за социјални работи, пријави до МВР… Јас не сакам ова воопшто да го политизирам и мене ми е тешко кога зборувам за ова.
„360 степени“: Дел се случувале и во периодот на претходната влада, така?
Трајановски: Во ред, апсолутно, ама таа девојка лежела и на абдоминална хирургија, таму била нападната, таму доаѓале… таму доаѓала полиција, доаѓале од Центарот за социјална работа. Значи никој тоа да не го препознае, одговорноста се сведува само на едно место – во Центарот за социјални работи и во МВР. Е сега, ние можеме да направиме внатрешна контрола да видиме кој полицаец доаѓал, кој направил ова или она, ама тоа не го оправдува тоа што се случило. Зошто ние ја бараме оставката од министерот за внатрешни работи? Затоа што тој секогаш делува откако ќе се случи нешто. Не делува да го превенира тоа. Буквално тоа го кажа и вчерашниот протест кој навистина имаше голема масовност.
Причината за нефункционалност на системот, како што вели Трајановски, е отсуството на одговорност. Дополнително влијаат и социолошките и културолошките причини.
„Ама вие ако сте држава, треба да навлезете во секоја пора од општеството и буквално – дали ќе ја подигнете свеста за семејно насилство, за булинг, за такви состојби, тогаш океј – навлезете и подигнете кампања. Веќе ако не може да се справите со ова, подигнете кампања. Сè се постигнува ако излезе на виделина. Па, зошто се овие протести? За да ја разбудат државата. Гледате дека државата две години спие. И тоа е факт. Не може да ме побиете со ништо дека не спие после такви трагедии кои ни се случија. Еве, во ред, дали тоа ќе го прави граѓанскиот сектор, дали тоа опозицијата ќе ги отвора очите на граѓаните, некој мора да го прави тоа“,
додава Трајановски.
