Оттаму додаваат дека полицијата за време на акцијата обезбедила материјални докази, односно биле пронајдени и одземени дрога, пиштол, рамка за пиштол и муниција, седум патнички моторни возила, седум телефонски апарати, како и поголем износ на пари
Седум лица се уапсени денеска во полициска операција поради сомневања дека биле дел од организирана криминална група која била активна на повеќе локации на територијата на државата, соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи (МВР).

Операцијата која вклучувала претреси на 15 локации во Скопје, Штип и Струмица, како што информираат оттаму, била спроведена од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во содејство со Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица и припадници на Единицата и брзо распоредување (ЕБР) и Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, а во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Групата, според МВР, бил инволвирана во организирање, набавка и продажба на дрога, а лицата што се лишени од слобода се од Струмица, Скопје и Штип.
„По преземените оперативно тактички мерки од страна на полициските службеници, од слобода се лишени седум лица, од кои четири од Струмица, две од Скопје и едно лице од Штип, а извршени се претреси на 15 локации на подрачје на Скопје, Струмица и Штип“,
се вели во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека полицијата за време на акцијата обезбедила материјални докази, односно биле пронајдени и одземени дрога, пиштол, рамка за пиштол и муниција, седум патнички моторни возила, седум телефонски апарати, како и поголем износ на пари.

Според Министерството за внатрешни работи, активностите во врска со акцијата продолжуваат и понатаму. Како што велат оттаму, ќе се врши обработка и вештачење на одземените предмети, а уапсените лица ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка и против нив до надлежното обвинителство ќе следува кривична пријавата поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 од Кривичниот законик (КЗ).
