На две локации во Бардовци и во хотели во Скопје се откриени 39 жртви и 9 членови на криминалната група – сите од Тајван. Тие биле регрутирани во земјава преку „синдикати“, а потоа биле затворани во куќи, без пасоши и мобилни телефони
Полицијата во координација со властите на Тајван и Интерпол разби криминална група која регрутирала млади лица од Тајван и ги носела во земјава, по што ги терале да работат во т.н. кол-центар за телефонски измами.
Биле извршени претреси на две локации во скопската населба Бардовци каде се откриени 39 жители на Тајван кои биле жртви на трудова експлоатација, а фатени се и 9 припадници на криминалната група.
„На првата локација затекнати и приведени се шест членови на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван). Дополнително, детектирани сè уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица-жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје“,
велат од МВР.
Младите жртви на трудова експлоатација од Тајван биле регрутирани преку „синдикати“ за да работат во странство. Повеќето од нив не знаеле детали за работата што им се нуди, а откако пристигнувале на дестинацијата биле затворани во куќа која се користела како кол центар за телефонски измами.
Им ги земале и пасошите и мобилните телефони, а потоа според објавените детали, ги терале да работат во кол-центарот преку кој биле правени измами.
„Тие се принудени да работат со часови без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите. Т.н. синдикати, користат брз интернет за воспоставување меѓународни разговори. Телефонските оператори од прво ниво се претставуваат лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување. Следно, операторите од второ ниво лажно се претставуваат како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и бараат доказ за извршена уплата за некаква казна. Конечно, жртвите се префрлани во „трето ниво“, каде операторите им се претставуваат како обвинител или судија и ги убедуваат жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна“,
велат од МВР.
Оваа криминална група функционирала во повеќе земји, а МВР ја спровела акцијата откако добила оперативни сознанија дека е присутна и кај нас.
Доказите кои ги собрание МВР и обвинителството ќе бидат предадени на тајванските власти. Исто така, регрутираните жртви и членовите на криминалната група ќе бидат депортирани во Тајван каде се обвинети за повеќе кривични дела.
