Потерницата против поранешниот прв вицепремиер и ексдиректорот на „Државна лотарија“ е објавена откако вчеравечер таква наредба издаде Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Претходно, Кривичниот суд на двајцата им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата
Министерството за внатрешни работи (МВР) утринава ги објави меѓународните потерници распишани по поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
Потерницата против Груби и Бајрами е објавена откако вчеравечер таква наредба издаде Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Претходно, Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата, бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
Во објавата на МВР стои:
„Артан Груби – татко Сакип мајка Зухра роден 07.06.1977 год. во Скопје каде и живее на ул.’Струмичка’ бр.5/2-4,Чаир. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО Скопје со Наредба бр.XVII KO бр.4232/24 од 17.12.2024 год. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ на РСМ.
Перпарим Бајрами – татко Фатмир мајка Хасибе роден 10.02.1993 год. во Куманово, а живее во с.Ваксинце бб, општина Липково. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО Скопје со Наредба бр.XVII KO бр.4232/24 од 17.12.2024 год. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.1 в.в. чл.22.од КЗ на РСМ.“
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Доцна вечерта во неделата Груби на својот фејсбук-профил напиша дека бил во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата, откако такви неофицијални информации почнаа да кружат по социјалните мрежи.