Двајца од приведените биле фатени во неделата на 12 октомври во близина на преминот „Богородица“. Потоа во Стојаково и Попчево биле уапсени уште три други лица, а во текот на денешниот ден приведен е и шестиот осомничен член на групата
Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека полициските единици пресекле меѓународен канал за транспорт на над 67,5 килограми марихуана од Албанија кон Грција, чија вредност се проценува на 200 000 евра. Во акцијата од слобода се лишени шест лица: четворица државјани на Албанија и двајца на Северна Македонија.
Според информациите од МВР, тие требало да ја пренесат дрогата преку земјава, но на 12 октомври во непосредна близина на граничниот премин „Богородица“ двајца од уапсените албански државјани биле фатени со две торби со марихуана.
Потоа, во рамки на истрагата надлежните утврдиле дека има докази оти во шверцот се инволвирани уште четири други лица.
„Набрзо потоа, во близина на село Стојаково лишен е од слобода Т.Х.(38) од Република Албанија, а по извршен претрес во домот на В.Д.(41) од село Стојаково, каде бил затекнат и Е.Б.(29) од село Попчево, струмичко, од слобода биле лишени и овие две лица. Шестиот член на криминалната група А.К.(37), албански државјанин, кој беше во бегство, е лишен од слобода денеска, околу 13:30 часот, на подрачјето на Кичево“,
соопштија од МВР.
Оттаму најавуваат дека денеска за приведените денеска ќе поднесат и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.