Министерството за внатрешни работи информира дека од страна на Интерпол има информација дека на профили на социјалната мрежа Тик-ток во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица.
Од МВР посочуваат дека според досегашните сознанија вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но апелираат на будност и надзор со цел да се избегнат какви било несакани случувања.
МВР апелира до граѓаните, особено до родителите, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи.
По информациите за опасните повици на социјалните мрежи, и српското Министерство за внатрешни работи вчера информираше дека ги проверува содржините по социјалните мрежи на кои, како што соопштија, се шират повици за групно самоубиство на млади луѓе.
И оттаму посочија дека засега не се откриени такви содржини од профили на територија на Србија, но апелираат граѓаните да се претпазливи.
