Во лажните пораки примачот се известува дека против него се водат судски постапки за низа измислени кривични дела, кои не ги сторил и од него се бара да го контактира испраќачот заради наводно судско појаснување. Од МВР посочуваат дека станува збор за класичен обид за измама за да се дојде до личните податоци на граѓаните. Оттаму апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни со ваквите пораки и да не ги отвораат
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска повторно информира за испратени лажни пораки во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и упати апел до граѓаните да не наседнуваат на ваквите пораки.

За лажни електронски пораки МВР извести и кон средината на минатата недела, при што посочи дека станува збор за обид за измама за да се дојде до личните податоци на граѓаните.
Во денешното соопштение, со назнака „предупредување“, се наведува дека до Министерството деновиве пристигнале пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на некакво барање за судско појаснување примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Во пораката, примачот се повикува да го контактира испраќачот.
„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба“,
се наведува во соопштението на МВР.
Од Министерството до граѓаните апелираат да бидат особено внимателни со ваквите пораки и да не ги отвораат.
„Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“,
апелираат од Министерството за внатрешни работи.
Минатата недела и Управата за јавни приходи информираше за лажни СМС-пораки кои стигнувале на мобилните телефони на граѓаните со барање да се изврши задолжителна пријава на лажната страница https: ujp-gov.mk/potvrda.
Од Управата за јавни приходи упатија апел до граѓаните никако да не ја отвораат оваа лажна веб-страница.