Обврската за користење на кодот NМК наместо МК на регистарските таблички на возилата во државава произлезе од одредбите на Преспанскиот договор со Грција
Според информациите на „360 степени“ испораката на налепниците ќе почне оваа недела
Налепниците за регистарските таблички со новиот код NMK ќе бидат бесплатни за граѓаните, информира попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму преку соопштение до медиумите велат дека налепниците ќе бидат на товар на МВР.
„Донесена е одлука налепниците со ознаката NMK, кои ќе треба да се залепат на регистарските таблици да бидат бесплатни за граѓаните, односно да бидат на товар на МВР“,
велат од ресорното министерство.
Дека налепниците не се стигнати и оти граѓаните сè уште не можат да ги набават, минатата недела за „360 степени“ потврдија од три станици за технички преглед, од кои две во Скопје и една во Велес.
Одговорите беа речиси идентични, а од едната станица рекоа дека налепниците најверојатно ќе стигнат за еден месец или месец и половина отсега.
Од МВР тогаш изјавија дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.
„Истите ќе бидат доставени до сите станици за технички прегледи во цела држава и граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација на возилата“,
соопштија минатата недела од МВР.
Според информациите на „360 степени“ испораката на налепниците ќе почне оваа недела.
Претходно МВР ипсрати официјално соопштение поврзано со промената на стариот код МК со новата ознака NМК на регистарските таблички стои дека налепниците ќе се продаваат по симболична цена, од 30 до 50 денари и дека ќе може да се набават во станиците за технички преглед на возилата низ земјава.
За набавката на налепници и регистарски таблички со новата ознака NМК, Министерството за внатрешни работи во декември лани склучи договор за јавна набавка со фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“.
За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години, колку што предвидува договорот за набавката.
Обврската за користење на кодот NМК наместо МК на регистарските таблички на возилата во државава произлезе од одредбите на Преспанскиот договор со Грција.