Според иницијалите наведени во соопштението на МВР, извесно е дека станува збор за ексградоначалникот на Чашка од редовите на СДСМ, Горан Стојановски, кој се товари дека спротивно на законот на единаесет лица вработени во општината им исплатил парични средства иако не ги исполнувале условите врз основа на кои биле вршени исплатите
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информира дека е поднесена кривична пријава против поранешен градоначалник на општината Чашка поради злоупотреба на службената должност и овластување.

Според иницијалите наведени во соопштението на МВР, извесно е дека станува збор за ексградоначалникот на Чашка од редовите на СДСМ, Горан Стојановски, кој се товари дека спротивно на законот на единаесет лица вработени во општината им исплатил парични средства иако не ги исполнувале условите врз основа на кои биле вршени исплатите.
„Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник. Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите“,
се наведува во соопштението на Министерството.
На тој начин, се додава во него, пријавениот им овозможил на единаесетте вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725 562 денари или околу 12 000 евра.
Дополнително, според МВР, пријавениот градоначалник на еден вработен му издал решение за позиција која веќе била пополнета, согласно актот за систематизација на работните места во општината.
Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Велес ја поднел Секторот за внатрешни работи Велес поради постоење основи на сомнение дека поранешниот градоначалник сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик (КЗ).
Инаку, Горан Стојановски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, беше градоначалник на Чашка во два мандати од 2017 до последните локални избори, одржани минатата година.
