Дополнително, од МВР наведуваат дека со незаконското вработување, градоначалникот ја оштетил Општина Делчево за 762 318 денари врз основа на исплатени плати, а на лицето му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 505 561 денар од исплатени плати
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево до тамошното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава против актуелниот градоначалник на овој град на истокот на земјава, Горан Трајковски, поради незаконско вработување на службеник во локалната администрација.

Трајковски, кој во соопштението од Министерството за внатрешни работи (МВР) е наведен со иницијали, делото за кое се сомничи го сторил за време на неговиот претходен мандат, односно во 2018 година.
Како што информираа денеска од МВР, нему му се става на товар, односно постојат основи на сомнение дека ја злоупотребил својата службена положба со тоа што по објавен јавен оглас, во локалната администрација вработил лице кое со навршени 64 години ги исполнувало условите за пензионирање, а не за вработување како административен службеник.
„Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеја 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници“,
се наведува во соопштението од МВР.
Дополнително, од Министерството наведуваат дека со незаконското вработување градоначалникот ја оштетил Општина Делчево за 762 318 денари врз основа на исплатени придонеси и плати, а на лицето му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 505 561 денар од исплатени плати
Инаку, кривичната пријава против градоначалникот на Делчево кој на функцијата во два мандати беше избран како кандидат на СДСМ, била поднесена вчера (25 август), а со која тој се товари за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, според членот 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Претходно, во јуни годинава Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов, поради сомнение дека сторил две кривични дела – фалсификување исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавата против Николов се однесуваше на постапување спротивно на Законот за градење, односно дека изготвил шест лажни јавни исправи, од кои четири одобренија за градење и две одобренија за реконструкција на улици.
Николов тогаш на прес-конференција ги демантираше наводите од кривичната пријава на Финансиската полиција, оценувајќи дека постапката против него е политички мотивирана и оти е процесирана наменски во период токму пред претстојните локални избори.
Кон крајот на јули, пак, Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против тројца вработени во Општина Крива Паланка, меѓу кои и актуелниот градоначалник Сашо Митовски, исто така, поради злоупотреба на службената положба и овластување, а во врска со промена на инвеститор спротивно на Законот за градење.
Од СДСМ, партијата на Митовски, веднаш реагираа на пријавата од МВР, наведувајќи дека веќе започнале режимските практики на ВМРО-ДПМНЕ пред избори и дека пријавата е црна кампања на власта против успешните градоначалници од редовите на СДСМ.
Инаку, Митовски е кандидат за градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСМ и за претстојните локални избори закажани за октомври.