Од МВР велат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата

Изминатиов месец полициските службеници издале 18 318 платни налози за направени прекршоци во сообраќајот. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи (МВР), брзото возење останува најчест прекршок, со регистрирани 4 019 казни.
Од МВР велат дека 123 лица биле лишени од слобода за безобѕирно управување на возило. Од нив 100 лица се приведени поради возење под дејство на алкохол, 20 лица поради пречекорување на брзината и три лица поради возење во забранет правец.
Во текот на декември биле фатени и 679 возачи под дејство на алкохол, додека 1 843 лица управувале возило без да поседуваат возачка дозвола.
Покрај овие прекршоци, полицијата евидентирала и низа други неправилности.
За неправилно паркирање биле изречени 5 018 прекршоци, 1 046 возачи не користеле сигурносен појас, а 18 мотоциклисти возеле без кацига.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, биле санкционирани и 415 пешаци за непочитување на правилата.
Од сообраќај биле исклучени 322 нерегистрирани и 172 технички неисправни возила.
Казни имало и за 101 возач поради непрописно затемнети стакла.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата за заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“,
велат од МВР.
