Директорот на Софискиот безбедносен форум, Јордан Божилов, во гостување на БНТ најавува дека за дел од заканите за бомби во Македонија, македонските власти ќе подигнат обвиненија за неколку Македонци поврзани со една политичка партија во земјава
Неколку нови информации во врска со дојавите за бомби кои во земјава почнаа во октомври лани, донесе денешниот ден.
Една од нив е дека е откриен цел кластер на лица од земјава и ним им се одземени мобилните телефони. Податокот го откри министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното гостување во утринската програма на првиот канал на националниот сервис МРТ 1.

„Точно е дека сега лоциравме цел еден кластер на лица. Тие се повикани веќе на разговори во полициски станици. Одземени се нивните мобилни телефони и се продолжува кон обезбедувањето докази преку вештачење“,
рече Спасовски.
Тој вели дека тоа е само една од групите кои ги упатувале заканите за поставени бомби.
„Ова е еден од кластерите кои сметаме дека практично ги прави тие дојави во повеќе училишта, временски периоди кои беа во изминатиот период. Секако дека постојат и други, знаете и претходно дека имавме четири или пет случаи кои ги детектиравме. Тоа беа индивидуални, но тоа се лица кои го загрозија процесот на образование“,
вели Спасовски.
Последен ваков индивидуален случај беше откриен на 22 март кога МВР поднесе кривична пријава за тероризам против едно малолетно лице.
Дојавите за бомби во земјава се испраќаа најмногу до основните и средните училишта, но мета на „бомбашите“ беа и скопскиот аеродром, Народната банка, трговските центри… Откако земјава ги промени протоколите за постапување во вакви случаи, месецов речиси и да немаше информации во јавноста за нови дојави за бомби.
Северна Македонија е само една од земјите кои се соочуваат со вакви хибридни закани, а деновиве тие се актуелни во Бугарија, каде што пристигнаа дојави во десетици училишта. Бугарската национална телевизија (БНТ), денеска дел од својата утринска програма посвети токму на тоа, а како еден од експертите кои гостуваа беше и директорот на Софискиот безбедносен форум, Јордан Божилов.

Тој во гостувањето зборуваше токму за тоа како Северна Македонија се справува со заканите нагласувајќи дека во периодот од октомври-декември лани биле испратени над 1 000 дојави, а само во февруари годинава 560. По промената на протоколите, според информациите кои тој ги добил од македонските колеги, месецов имало само девет. Тие, вели, се слични како и сега во Бугарија.
Божилов открива и дека меѓу дојавувачите кои македонските власти ги откриле има и Македонци поврзани со една политичка партија во Македонија.
„Се работи на различни верзии. Првично имаше информација за хибридни закани поврзани со Русија. Но сега, како што знам, ќе бидат подигнати обвиненија и за неколку Македонци, македонски државјани кои се поврзани се една од политичките партии во Македонија“,
вели Божилов.
Зборувајќи за случајот во Бугарија, тој нагласува дека во вакви ситуации е многу тешко да се докаже кои се сторителите и потсетува дека во Македонија било утврдено и оти дел од серверите од кои се испраќаат електронските пораки биле лоцирани во Русија и во Иран.