На тендерот, објавен во петокот, МВР ќе набавува виндјакни, теренски униформи, чевли и чизми за полициските службеници. Оттаму велат дека со тоа македонската полиција ќе се ребрендира бидејќи, како што се наведува во соопштението, старите, непрактични и нефункционални униформи ќе бидат заменети со модерни и квалитетни, по терк на европските полиции
Министерството за внатрешни работи (МВР) објави тендер за набавка на нови униформи за полициските службеници.

Со набавката на нови униформи, како што соопштија денеска од Министерството во кое информираат за тендерот, македонската полиција ќе се ребрендира бидејќи, како што велат оттаму, старите, непрактични и нефункционални униформи ќе бидат заменети со нови, модерни и квалитетни, по терк на европските полиции.
Во рамките на процесот, како што се наведува, Министерството остварило технички дијалог со 13 заинтересирани компании во кои предвид биле земени сите сугестии и предлози.
„Министерството во процесот кој е целосно транспарентен и одговорен, оствари технички дијалог со дури 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози. Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани. Македонската полиција заслужува да биде модерна и функционална европска полиција“,
се наведува во соопштението од МВР.
Новата униформа ќе содржи, односно тендерот е распишан за набавка на виндјакна, теренска јакна, теренски панталони (летни и зимски), кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми.
Инаку, како што може да се види на електронскиот систем за јавни набавки тендерот е објавен во петокот, на 19 септември и на него, како што наведуваат од Министерството, може да учествуваат сите заинтересирани компании.
Од техничките податоци во јавната набавка, може да се види дека времетраењето на договорот е предвидено да трае 12 месеци, односно една година, а како критериум за негово доделување е наведена најниска цена.
Во делот за техничка или професионална способност на економскиот оператор, меѓу другото се бара заинтересираните компании да обезбедат потврда дека во последните пет години имаат извршено минимум една испорака на стоки од ист или сличен како предметот на набавката.
Дополнително се бара фирмите да имаат на располагање технички капацитет за конфекционирање стоки кои се предмет на набавка и минимум технички персонал од 50 лица за производство на стоките. Се бара заинтересираните економски оператори да имаат и минимум две лица за контрола на квалитет на производство за делот 1 од набавката, односно виндјакна со влошка, додека за делот 2 (теренска униформа) техничкиот персонал за производство треба да изнесува минимум 100 лица и минимум две лица за контрола на квалитет на производство.

Огласот ќе трае еден месец, а јавното отворање на понудите ќе се одржи на 20 октомври во 10 часот во зградата број пет во Министерството за внатрешни работи.
Дека МВР планира да набавува нови униформи за полициските службеници, на почетокот на јуни најави ресорниот министер Панче Тошковски.
Имено, тој на 10 јуни изјави дека новата јавна набавка, за разлика од онаа за специјалците, која опфаќа околу 1 000 униформи, ќе се однесува на набавка на пет до шест илјади униформи за сите униформирани полициски службеници.
Причина за набавката, како што кажа тогаш Тошковски, била катастрофалната состојба на актуелните униформи на полицајците. Во тој контекст, министерот упати и критики до претходната власт, обвинувајќи ја дека осум години не направила соодветна набавка во овој сегмент.
Инаку, „360 степени“ во мај и во јуни објави серија стории за рамковните спогодби за набавка на униформи за специјалците во вкупна вредност од 3,8 милиони евра. Тендерот го доби фирма формирана 20 дена пред распишувањето на огласот и модно женско студио кое лани имало двајца вработени и 20-ина илјади евра приходи за цела година.
- (ВИДЕО) Полициските специјалци ќе ги облекуваат модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот
- (ВИДЕО) Тендерот за униформите требало да се објави пред да се регистрира една од фирмите што го доби
Прашан во врска со темата која отвори повеќе прашања во јавноста, министерот за внатрешни работи во интервјуто за „360 степени“, емитувано пред точно една недела (15 септември 2025 г.), рече дека се извршени првите нарачки од униформите за специјалците, но, како што кажа до почетокот на емисијата не се испорачани.
„Имаат мислам рок некој од, не знам, мислам дека беше 90 дена што треба да ги испорачаат“,
рече Тошковски.
Одговарајќи на дополнително прашање, Тошковски ја најави, како што нарече, големата набавка на униформи.
„Во рамки на оваа вторава набавка, големава набавка којашто условно ја велиме, ќе треба да се набават полициски униформи за, не знам, над 7 000 полициски униформи сигурно и тие мора да се набават за сите. Зошто? Заради тоа што сакаме да ги ребрендираме… И сакаме полициските службеници да носат достојна, нормална, квалитетна, нова униформа“,
рече Тошковски во интервјуто.