Објавата на регистарот на нападнати новинари, како што велат од МВР, е дел од заложбата за заштита на правата и безбедноста на новинарите, а произлегува од блиската соработка на Министерството со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Од МВР ја посочуваат безбедноста на новинарите како еден од врвните приоритети
Министерството за внатрешни работи (МВР) на својата веб-страница објави линк кој води до регистарот на напади врз новинари низ годините, во кој се наведени повредените права на новинарите и детали за видот на нападот, локацијата на инцидентот, статусот на пријавата и постапката.

Објавата на регистарот на нападнати новинари, како што велат од МВР, е дел од заложбата за заштита на правата и безбедноста на новинарите, а произлегува од блиската соработка на Министерството со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Од МВР ја посочуваат безбедноста на новинарите како еден од врвните приоритети.
„Меѓу другото, беше одредена и контакт-точка, што многу придонесе за побрзо и поефикасно расчистување на случаите што се поврзани со новинарите“,
велат од МВР.
Оттаму додаваат дека во финална фаза е формирањето на националниот комитет за заштита на новинари – меѓуресорско тело од владини институции и невладини организации чија примарна задача ќе биде носењето на национален акциски план за заштита на новинарите.
„Координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите кои се однесуваат на новинарите. Ваквата соработка треба да продолжи и во наредниот период со цел понатамошно ефикасно расчистување на било каков случај на напад врз медиумски работник“,
велат од МВР додавајќи дека во блиска иднина постојната соработка треба да се зголеми и подобри.
Во однос на Прирачникот за безбедност на новинарите, од МВР велат дека минатата година е ажуриран, а дека ќе се ажурира и во иднина со цел натамошно подобрување и зголемување на степенот на безбедност на новинарите.
Доколку новинарите се соочат со закани, физички или вербални напади или друг вид притисок, Министерството апелира веднаш да ги пријават случаите.
