Според огласот, сите нови 150 вработувања на работното место полицаец се предвидени за Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, а заинтересираните кандидати треба да бидат помлади од 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование и не смеат да се членови на политичка партија

Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност. Висок морал, интегритет и дисциплина. Ако тоа се твоите човечки квалитети тогаш полицијата е вистинскиот избор за тебе.
Ова е наведено во промотивната содржина на огласот за вработување на 150 нови униформирани полициски службеници што денеска го објави Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во формалната, службена содржина, на огласот се наведени општите и посебните услови што треба да ги исполнуваат кандидатите, како и текот и спроведувањето на селекцијата на лицата што ќе се пријават.
Според огласот, сите нови 150 вработувања на работното место полицаец се предвидени за Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје.
Кандидатите кои ќе се пријават на огласот, треба да се државјани на Република Северна Македонија, да се помлади од 25 години со завршено четиригодишно средно образование, активно да го користат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
Во овој дел, кој се однесува на општите услови, кандидатите не смее да бидат членови на политичка партија и мора да имаат положено тест за интегритет.
Во посебните услови, пак, од кандидатите се бара да бидат високи најмалку 170 сантиметри за мажи и 160 сантиметри за жени и да имаат висока лична физичка подготвеност.
Селекцијата ќе ја спроведува комисија формирана од страна на министерот за внатрешни работи, а ќе се спроведува во неколку фази.
Првата од нив е административната селекција, односно проверка на уредноста на доставената документација, по што ќе следуваат проверките на моторичките способности, што вклучуваат склекови, стомачни подигања, скок во далечина од место, спринтови на 20 и 100 метри, трчање на 1 500 метри за мажи и на 800 метри за жени и други физички проверки што ќе ги определи комисијата.

Кандидатите ќе треба поминат и тест за интегритет и психолошки тест, општообразовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи.
„По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 165 кандидати“,
се наведува во огласот.
По завршувањето на обуката, Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, соодветно на местото на ранг-листата на која ќе биде внесен, ќе склучат договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот ќе се стекне со статус полицаец приправник.
Со договорот за вработување, полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години, а во спротивно ќе треба да ги надомести трошоците за неговата обука зголемени за трипати.