Нарачаните униформи не се стигнати, а кога ќе пристигнат, министерот Тошковски вели дека ќе ги презентираат јавно

360°: Пред неколку месеци беше актуелен и тендерот за набавка на униформи за специјалната полиција, го добија едно модно женско студио од Битола и една штотуку формирана фирма со српски сопственик. Станува збор за две рамковни спогодби во вкупна вредност од околу 3,8 милиони евра. Во меѓувреме, не слушнавме дали веќе имате нарачано и набавено униформи од овие две компании?
Тошковски: 2021 година е последната набавка на униформи. Вака ни изгледаат моментално (покажа фотографија), еве ни ги нашите полицајци како изгледаат. Еден со еден ако ги врзете…
360°: Специјалци се овие?
Тошковски: Не, не. Овие се гранична полиција конкретно, ама носат униформи, така? Која е мојата теза…
360°: Јас сега за друг тендер ве прашувам.
Тошковски: Која е мојата теза? Значи, униформи мора да се набават во Министерството за внатрешни работи.
360°: Никој не ја доведуваше во прашање самата набавка, имаше дилеми околу тоа како српската фирма непосредно пред…

Тошковски: Имаше муабети дека мојата сопруга била прва другарка на не знам некоја од госпоѓиве коишто биле поврзани со сопственичката структура, а јас госпоѓата ниту сум ја видел претходно, ниту знаев која е, ниту па таа била на свадба кај мене и така натаму. Ја запознав, еве, на оваа маса овде првпат, кога по вашите јавно соопштени информации и сомнежи, ги повикав овде сопственикот и на едната фирма и на другата фирма, и им кажав следното. Ќе ви кажам што им кажав. Дека согласно она коешто јас го имам како информација и јас го имам анализирано, овде нема незаконитости во рамки на постапувањето на Министерството за внатрешни работи. Не може да се утврдат. Не можам да ги видам. Но, доколку се утврди каква било незаконитост во делот на постапувањето нивно, јас ќе бидам најмногу фокусиран да ја најдам таа. И лично и ќе побарам од страна на моите служби, во дел моите, службите на државата во делот на Министерството за внатрешни работи како што се организиран криминал, крим-полиција, сите оние други коишто се занимаваат со економски криминал, и тоа како да бидат фокусирани не само на она коешто ќе биде нарачано од фирмата и доставено до министерството, туку и на секој еден денар којшто ќе биде исплатен спрема фирмата од страна на Министерството.
360°: Како српската фирма направила локална компанија во Македонија неколку недели пред тендерот? Кој им шепна да ја направат фирмата?
Тошковски: Јас сум министер за внатрешни работи. Во рамки на Владата сме обезбедиле средства за униформи. Во рамки на функционирањето сме утврдиле потреба од набавка на истите. Еве, конкретно за оваа првава набавка, сме објавиле тендерска постапка. Сме ги поканиле сите заинтересирани да учествуваат во рамки на истата. И сега вие ме прашувате како некој отворил фирма во Македонија три месеци пред не знам што. Не е три месеци, многу, многу блиску до тендерот. Три дена еве нека е. Согласно информациите коишто ги имам, токму таа српска фирма претходно доставувала преку трети лица униформи во истово министерство. Истата компанија. Ама тогаш преку трети лица по поскапа цена едно два-тринаесет посто. Истата фирма којашто вие ја кажавте. Јас тоа не го знаев тогаш. Откога вие ја отворивте како тема, после тоа ја разбрав.
360°: Добро, набавивте ли во меѓувреме униформи? Со нарачка?
Тошковски: Согласно она коешто го имам добиено како информација, овој тендер којшто беше првиов за специјалниве униформи, таму е договор-нарачка, односно да нарачувате… една договор-нарачка е направена.
360°: А стигнати ли се униформи?
Тошковски: Согласно информациите коишто ги имам до отпочнување на емисијава, не. Имаат мислам рок некој од, не знам, мислам дека беше 90 дена што треба да ги испорачаат.
360°: Ќе ги покажете ли во јавноста?
Тошковски: Апсолутно, како не, како не.
360°: Втората, големата нарачка, кога следува?
Тошковски: Во рамки на оваа вторава набавка, големава набавка којашто условно ја велиме, ќе треба да се набават полициски униформи за, не знам, над 7 000 полициски униформи сигурно и тие мора да се набават за сите. Зошто? Заради тоа што сакаме да ги ребрендираме… И сакаме полициските службеници да носат достојна, нормална, квалитетна, нова униформа.
360°: Имаше укажувања од кластерот за текстил на домашните компании, да може и тие да учествуваат на тендерот.
Тошковски: Апсолутно да. И поради тоа направивме технички дијалог. Согласно информациите коишто ми ги доставија, 12 фирми, е сега не знам дали се македонски или странски, имаат давано одредени забелешки во рамки на техничкиот дијалог којшто е предфаза во рамки на јавната набавка. Таму се објавува, нели, тендерска документација, спецификација, па секоја заинтересирана фирма дава предлози, забелешки, препораки и така натаму. Неколку пати во јавноста е кажано дека ќе имаме таков тип на набавка лично од мене и така натаму. Еве официјално кај вас во емисија најавувам дека оваа недела, се надевам уште денес, но не сум сигурен, но во текот на оваа недела ќе биде објавена оваа големава набавка на униформи. Ги поканувам сите македонски компании до една да учествуваат на предметната јавна набавка и да дадат свој белег во рамки на ребрендирањето на македонската полиција.