Откако ќе направат дополнителни проверки, од МВР велат дека ќе преземат мерки согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци
Министерството за внатрешни работи ќе провери, па доколку е потребно, ќе им изрече прекршочни казни на амбасадите на земји членки од ЕУ за непрописно паркирање на возилата.
Ова може да се заклучи од одговорот од МВР на прашањето на „360 степени“ поставено претпладнето – зошто полицијата не интервенирала и не ги отстранила десетината возила со дипломатски таблички кои беа непрописно паркирани пред зградата на Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), во третата лента од булеварот „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за што објавивме фотографии и видео.
„Ве известуваме дека од страна на СВР Скопје – ОБПС ќе бидат направени дополнителни проверки и ќе бидат преземени соодветни мерки согласно ЗБСП и Закон за прекршоци“,
велат од МВР.
„360 степени“ праша и во Делегацијата на ЕУ дали може да потврдат дека во периодот кога возилата беа непрописно паркирани во зградата на ДЕУ се одржувал состанок на амбасадори на земји членки на Унијата и кој е ставот на Делегацијата за ваквиот однос на дел од амбасадите на членки на ЕУ.
Оттаму одговорија дека ќе ги замолат во иднина да се паркираат прописно.
„Ви благодариме што ни ја посочивте оваа ситуација. Делегацијата на ЕУ ќе ги замоли посетителите во Делегацијата да избегнуваат настанување на вакви ситуации во иднина“,
ни одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.