Тошковски вели дека постапуваат по насока на јавен обвинител и оти во текот на наредните денови ќе следуваат дејствија во надлежност на Министерството
Тој изрази жалење поради, како што рече, политичката злоупотреба на овој немил настан од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги осуди скандирањата што се случија на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во саботата во Куманово. Тој нагласи дека МВР веќе постапува по насока на јавен обвинител и најави процесни дејствија во наредните денови.
Во гостување на „Вести плус“ на телевизија Канал 5, Тошковски истакна дека ваков тип говор на омраза и злоупотреба на спортски настан нема да се толерира.
„Би сакал најостро да ги осудам таквите провокации и говор на омраза и злоупотреба на спортски настан. Постапуваме по насока на јавен обвинител и во текот на наредните денови ќе следат процесни дејствија коишто се во надлежност на Министерството. Ваков тип на говор на омраза не треба да биде предмет на политичка злоупотреба, како што беше во текот на вчерашниот ден“,
изјави Тошковски.
Министерот посочи дека МВР, под негово раководство, постојано покажува еднаков пристап кон сите што сквернават или користат говор на омраза. Како примери ги наведе случаите со палење македонско и албанско знаме, како и сквернавењето српски симболи на српскиот конзулат во Куманово.
„Постапивме спрема сите на еднаков начин, ги лишивме од слобода сите кои беа затекнати во рамки на сторување на кривичното дело коешто е поврзано со поттикнување на говор на омраза и коешто е поврзано со поттикнување на меѓунационална нетрпеливост. Покажавме дека МВР може да биде институција којашто силно и еднакво ќе одговори во секој еден случај спрема сите оние сторители кои што сакаат да ги злоупотребат правата во нашето општество“,
рече Тошковски.
Тошковски изрази жалење поради, како што рече, политичката злоупотреба на овој немил настан од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
„Жално е политичката злоупотреба на еден ваков немил настан од страна на претседател на политичка партија којашто 20 години беше на власт… Се надевам дека македонските граѓани, без оглед дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби итн., гледаат дека можело поинаку, гледаат дека државата можела да ги стави во функција институциите, за разлика од порано кога не гледаа. Така што, се надевам дека сè помалку граѓани ќе потпаѓаат на ваков тип политички злоупотреби на конкретни настани, коишто апсолутно треба да се осудат и треба да бидат историја, а не иднина“,
додаде Тошковски.
Претходно денеска осуда за скандирањата на натпреварот меѓу Македонија и Романија, што се одржа во саботата, имаше и од премиерот Христијан Мицоски и од собранискиот спикер Африм Гаши.
Мицкоски, кој заедно со неколку членови на Владата присуствуваше на натпреварот, денеска рече дека за време на натпреварот не ги слушнал паролите бидејќи станувало збор за мала група луѓе.
Мицкоски додаде дека апсолутно го осудува ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина, кои, како што рече, не наишле на поддршка од ниту еден од присутните во салата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својата реакција вели дека скандирањата во Куманово не ги претставуваат вредностите врз кои е изграденa нашата држава. Тој вели дека општество што тежнее да биде дел од европското семејство мора да се гради врз основа на почит, достоинство и еднаквост за сите граѓани.
Осуди вчера имаше од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кои побраа оставки од функционери од ВЛЕН.
Инаку, денеска од Секторот за внатрешни работи Куманово информираа дека вчера неколку лица биле повикани на службен разговор во врска со инцидентот на натпреварот Македонија-Романија одржан во саботата.
Оттаму рекоа дека по извршени анализи во координација со јавниот обвинител, ќе бидат преземени конкретни законски мерки против вклучените лица, вклучително и кривични постапки.
Претходно вчера, ОЈО Куманово информира дека постапува во врска со националистичките скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија. Оттаму соопштија дека издале повеќе наредби до СВР Куманово, меѓу кои и наредба за обезбедување на снимки од видеонадзор за да ги идентификуваат сторителите.