„Одделот за внатрешна контрола, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар“, информираат од МВР
Полицискиот началник од Демир Хисар ќе биде разрешен бидејќи внатрешната контрола при МВР утврдила непрофесионално однесување за време на претресот во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“.

„Одделот за внатрешна контрола, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар“,
информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека против началникот е поведена дисциплинска постапка, а со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, тој ќе биде разрешен од функцијата.
„МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните“,
додаваат од МВР.
Разрешување на началникот од Демир Хисар претходно денеска побара опозицискиот СДСМ.
Партијата го повика и Обвинителството да постапи во врска со случајот, конкретно за постапката на началникот кој по претресот на домот на директорката на училиштето, побарал да биде одведена на разговор во полициска станица иако за тоа не постоел обвинителен налог.